Во Скопје денеска завршува тридневниот самит на над 1.000 членови на лајонс клубовите од Европа, но и од САД, Индија, Јужна Кореја и други држави во светот.

На последниот ден од форумот ќе се дебатира за активноста и соработката на светската лајонс организација со организацијата на Обединетите Нации и останатиот невладин сектор во светот, посебна сесија е посветена на жените лајонси, а на пленарна седница на тема „Нашиот сервис поширок од хоризонтот“ ќе говори меѓународниот претседател Гудрун Ингвадотир.

Денеска заседаваат и делегатите на Лајонс Европа форум кои претпладнево меѓудругото ќе одлучуваат за кандидатурата на лајонс клубовите од Хрватска за организирање на европски форум во 2021 година, како и за барањето на лајонс клубовите од Србија да бидат рамноправен член на Европскиот Форум.

Церемонијалот на свечено затворање на 64-от Лајонс Европа Форум Скопје 2018 е закажан за 15 часот во објектот на Македонска филхармонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2018 10:52