Царинската управа на Република Македонија денеска пред бизнис-заедницата во Охрид го промовираше концептот на Овластен економски оператор како новина во царинското работење, со мотивација на компаниите што учествуваат во меѓународната трговска размена да пројават интерес за добивање такво одобрение.
Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски во обраќањето пред учесниците нагласи дека се работи за програма што е широко прифатена како мошне важен инструмент и алатка за партнерство меѓу Царината и деловната заедница.
-Придобивките и погодностите што ги добиваат операторите со стекнато одобрение се многубројни и тоа приоритетен третман при минување на гранциите, скратување на времетраењето во спроведувањето на царинските постапки, намалување на бројот физичкии документарни контроли и друго. Овластениот економски оператор претставува и меѓународно признаена марка за квалитет, што значи дека македонските компании во меѓународните синџири за снабдување ќе бидат признаени како безбедни и сигурни, а нивните царински процедури усогласени и ефективни, рече Танески.
Одобрението за Овластен економски оператор го издава Царинската управа на Македонија, а со такво овластување можат да се стекнат економски субјекти како увозници, извозници, производители, траснпортери или шпедитери.
Станува збор за концепт предвиден со повеќегодишниот акциски план што се однесува на регионалната економска зона донесен на Самитот во Трст од земјите од Западен Балкан. Воведувањето на концептот Овластен економски оператор претставува клучна активност со која се овозможува негово меѓународно признавање, првично во рамки на ЦЕФТА, а потоа и во рамки на ЕУ и глобално.
Танасоски појасни дека предвидениот концепт на безбедносни мерки на ваков начин првпат се воведува во Република Македонија, благодарение на неодамна спроведените измени на Законот за царини што создадоа легислативна основа за негово спроведување, заедно со прирачниците и уредбите за компаниите неопходни за добивање на овластувањето.
Досега во Македонија барања за стекнување на правото за Овластен економски оператор поднеле две компании. За споредба во соседна Република Србија веќе функционираат 11 Овластени акономски оператори, додека во Молдавија која исто така е членка на ЦЕФТА има 120 такви субјекти.
Презентацијата на концептот Овластен економски оператор низ Македонија се спроведува со поддршка на Проектот за УСАИД за регионален економски раст (USAID Regional Economic Growth Project – REG).