Петиција против изградба на цинкара се реализира во Кавадарци. Иницијативата е на граѓанското здружение „Еко живот“, а собирањето потписи почна денеска.

-Ова е иницијатива на нашето Здружение за заштита и унапредување на животната средина “Еко живот” од Кавадарци. Сакаме со потписи да им покажеме на тие што носат одлуки, дека сме против тешка загадувачка индустрија. Во собирањето потписи се ангажирани наши активисти, а ја имаме и поддршката од координаторот на НВО секторот, Ненад Јовановиќ. Да не дозволиме понатаму Кавадарци да биде лабораторија и да си играме експерименти со нашата животна средина, затоа што овде живеат голем број граѓани, рече претседателот Роберто Паризов, нагласувајќи дека Кавадарци е меѓу најзагадените во државата.

Според Ненад Јовановиќ правото на собирање потписи е право на граѓаните на град Кавадрци и тоа право е загарантирано со Уставот на Република Македонија.

-Со овие потписи ние сакаме јасно да им порачаме на локалната власт, на Советот и на градоначалникот дека работиме на терен за да се запре мислата, дека во Кавадарци треба да има тешка индустрија. Да не се гради цинкара, сакаме чист град, додаде Јовановиќ.

-Ваквата реакција доаѓа по најавената заинтересираност на кавадаречки инвеститор, да инвестира во линии за проширување асортиманот, но и производство на нови производи.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2018 16:02