Лидерот на Социјалдемократската партија на Шведска (САП) Стефан Лофвен се откажа денеска од обидот да формира влада, што ги зголеми изгледите за предвремени избори.
Со државата во моментов управува привремената влада под водство на Лофвен, а откако, по изборите одржани на 9 септември, левиот и десниот блок останаа во пат позиција, антиимигрантски настроените демократи се во ситуација да одржуваат рамнотежа на силите.
Ниту левиот блок на Лофвен, ниту групата на партии од десниот центар не се подготвени за договор, со кој би се постигнало политичко решение на кризата.
– Со оглед на одговорите кои ги добив досега, во моменталната ситуација, можноста за мене да составам влада, која ќе ја прифати Парламентот – не постои, изјави Лофвен. Тој нагласи дека не се откажал во целост и дека е подготвен повторно да се обиде ако се измени ситуацијата.
Лидерот на здружената опозиција од десниот центар и на Умерената партија на Шведска, Улф Кристерсон претходно се обиде, но и тој не успеа да формира влада.
Здружениот десен блок, во Парламентот гласаше против Лофвен, но не постигна согласност како би го замениле. Претседателот на Парламентот ќе се состане со лидерите на партиите во текот на денот и доколку една или повеќе партии не го сменат својот став, најверојатно ќе дојде со нови избори.