Германската канцеларка денеска изјави дека има впечаток оти е време за вртење на нова страница и најави дека нема да се кандидира за канцеларка ниту за шефица на Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

– Време е да соопштам важна одлука. Нема да се кандидирам за претседателка на ЦДУ на следната изборната конференција во декември. Овој четврти мандат на чело на германската Влада е последен пат да сум канцеларка. Нема да се канидидрам за канцеларка на изборите во 2021 година, а нема да се кандидирам ниту за пратеничко место во Бундестагот. Исто така не планирам да извршувам какви било други политички функции, истакна Меркел на вонредната прес конференција во седиштето на ЦДУ во Берлин по лошите резултати на ЦДУ на изборите во покраината Хесен.

Но, таа посочи дека е подготвена да остане на функцијата канцелар се до истекот на мандатот во 2021 година.

– Иако и понатаму го застапувам ставот дека е храбро и добро лидерот на партијата да ја води и владата, мислам дека е време да и овозможам на својата партија да може да се подготви со ново раководство за времето по мене. Мислам дека вака се поголеми шансите отколку ризиците, наведе Меркел.

Таа наведе дека изборните резултати од вчерашните избори во Хесен се „разочарувачки и тешки“ како за ЦДУ во покраината, така и на сојузно ниво.

– Иако тоа беа само покраински избори нема сомнеж дека нашите непријатели во Хесен ќе оствареа подобар резултат да не беше негативното влијание од сојузно ниво, наведе Меркел на прес конференцијата.

Таа додаде по изборите во Хесен и претходните во Баварија неопходно е да анализиира ситуацијата.

Меркел наведе и дека не може таа да биде виновна за се, иако носи голема одговорност како канцеларка, како за успехот, така и за неуспехот.

Заменик претседателот на ЦДУ и премиер на покраината Хесен, Фолкер Буфије одлуката на Меркел за повлекување од политичкиот живот ја оцени како многу важна и исправна.

– Таквата одлука и овозможува на ЦДУ нови шанси кои содржајни и со нов стил паметно ќе ја искористиме, наведе Буфије.

За разлика од Буфије, сојузникот на Меркел и министер за внатрешни работи Хорст Зехофер е незадоволен од нејзиното повлекување и го оцени како „срамота“, додавајќи оти нивниот однос е обележан со „меѓусебно почитување“.

И покрај тоа што Меркел планира да остане канцеларка до истекот на мандатот односно до 2021 година, сега се поставува прашањето за иднината на Зехофер со оглед на лошите резултати што неговата Христијанско-социјална унија (ЦСУ) на изборите во Баварија.

За местото претседател на ЦДУ денеска кандидатури најавија поранешниот лидер на парламентарната група ЦДУ и нејзината баварска партија ЦСУ, Фридрих Мерц, актуелниот министер за здравство Јенс Шпан и актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крам Каренбауер.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 01:01