Федералниот суд во Питсбург денеска на напаѓачот врз синагогата во овој американски град, Роберт Грегори Бауерс му одреди мерка притвор без право на ослобидување со кауција.

Во врска со нападот врз синагогата во саботата, при што беа убиени 11 лица, а шест други беа ранети, против 46-годишниот Бауерс се покренати 29 обвиненија, меѓу кои и за убиство, попречување на правото за изразување на верските уверувања, извршување кривично дело од омраза и заплашување по етничка основа.

Првото судско рочиште од претходна постапка против Бауерс е закажано за в четврток.

Бауерс, кој беше ранет при пристрелка со полицијата за време на нападот, во судот беше донесен во инвалидска количка, со лисици на рацете.

Тој молчеше за време на целиот денешен процес пред истражниот судија и комуницарше само со неговите адвокати назначени по службена должност.

Бауерс претходно денеска беше пуштен од болница и предаден на властите за отпочнување на судската постапка против него.

Федерални обвинители претходно најавија дека планираат да побараат смртна казна за Бауерс, кој според нив, манифестирал омраза за време на нападот, а подоцна и изјавил на полицијата дека „само сака да убива Евреи” и дека „сите тие Евреи треба да умрат”.

Масакрот во Питсбург е најсмртоносен напад врз евреи во историјата на САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 02:30