Американска владина радиотелевизиска компанија, која емитува програма за странство, соопшти дека ќе казни вработени одговорни за телевизиски материјал за Џорџ Сорос, кои ги прекршиле професионалната етика и стандарди.

Агенцијата за глобални медиуми на САД соопшти дека луѓето кои работеле на материјалот ќе бидат суспендирани од работа додека трае истрагата за „евентуални нерегуларности“, и можат да бидат казнети, вклучувајќи и отпуштање од работа во зависност од резултатите од истрагата.

Материјалот за Сорос бил емитуван во мај на шпанската радиотелевизиска мрежа „Марти“, која се емитува во Куба. Во него, Сорос е опишан како „еврејски мултимилијардер“ кој врши влијание врз државите преку невладини организации и се цитира коментар на конзервативната организација „Џудишинал воч“ (Правен набљудувач) дека тој ги поткопува демократиите.

Десничарски коментатори и политичари, без да достават докази, неодамна го обвинија Сорос дека тој ги финансирал мигрантите што се упатија кон САД од Централна Америка.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 17:49