Еврејската заедница во Питсбург денеска ги погреба првите жртви на најсмртоносниот напад врз eвреи во американската историја, додека истовремено се најавуваат протести против планираната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на градот.

За нападот врз синагогата во саботата, при што беа убиени 11 лица, а шест други беа ранети, против 46-годишниот напаѓач Роберт Грегори Бауерс се покренати 29 обвиненија, меѓу кои и за убиство, попречување на правото за изразување на верските уверувања, извршување кривично дело од омраза и заплашување по етничка основа. Федералниот суд во Питсбург му одреди мерка притвор без право на ослободување со кауција.

Федерални обвинители претходно најавија дека планираат да побараат смртна казна за Бауерс, кој, според нив, манифестирал омраза за време на нападот, а подоцна и изјавил на полицијата дека „само сака да убива Евреи“ и дека „сите тие Евреи треба да умрат“.

Тој напад ја „подгреа националната дебата за политичката реторика на Трамп“, која, според критичарите, придонела за пораст на десничарскиот екстремизам во САД.

Трамп најави дека ќе ги посети полицајците и другите повредени во масовниот масакр.

– Само ќе им оддадам почит, изјави Трамп за Фокс њуз, откако наиде на критики од локалните еврејски лидери кои му порачаа дека не е добредојден.

Повеќе од 43.000 луѓе се потпишаа на писмото во кое еврејската заедница се противи на „неморалната агенда на Трамповата администрација и на Републиканската парија“.

Градоначалникот на Питсбург Бил Педуто изјави дека и тој е против посетата на Трамп и порача дека америкјанскиот претседател треба да почека да завршат сите погреби, бидејќи, во спротивно, дополнителните безбедносни мерки ќе го свртат вниманието од „приоритетот“, а тоа е погребувањето на жртвите.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2018 20:34