Кинеската влада повторно ја легализира употребата на делови од телото на некои загрозени видови за медицински цели, вклучувајќи ги и деловите од телата на тигрите и носорозите, објави Си-ен-ен.
Со оваа директива се укинува законската забрана од 1993 година со која се регулираше меѓународната трговија со рогови од носорог и коски од тигар.
Овие коски и рогови се користат во традиционалната кинеска медицина, тие се сметаат за „чудотворен лек” и се многу скапи.
Во соопштението за медиумите, кинеската влада објасни дека делови од носорозите и тигрите може да се користат за медицински истражувања и лекување, но само ако доаѓаат од животни одгледувани на фарма.
Ирис Хо, експерт од организацијата „Хјуман социети интернешнел“, вели дека оваа одлука повикува на легитимен „лов“ на носорози и тигри кои живеат во дивината.
Маргарет Кинерд, од Светскиот фонд за дивиот свет (WWF), смета дека оваа законска регулатива само ќе го олесни таквиот вид на нелегална трговија. Имено, Кинерд верува дека незаконски набавените делови од телата на овие животни ќе биде полесно лажно да се претставуваат дека се легални и дека тоа само ќе ја зголеми побарувачката за нив.