Конечно отпочнува процесот за креирање на регионални депонии за управување со цврстиот отпад кој ќе ги реши пробелемите со управувањето со отпадот на целата територија на земјава, најави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

– Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата за финансиски средства за подоготвка на тендерска документација за издавање на управување со комунален отпад во Југозападен, Пелагониски, Вардарски и Југоисточен регион под концесии. Реализиацијата на овие инвестиции ќе се врши по пат на издавање на регионално управување со комунален отпад под концесиија, рече Бошњаковски на денешната прес-конференција во Владата.

Прецизира дека Пелагонискиот, Варадарскиот, Југозападниот и Југоистичниот регион донесоа одлуки обврската да ја предадат на Владата.

– Како Влада ќе ја спроведеме постапката за издавање на управување со комунален цврст отпад согласно со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство за овие плански региони, рече Бошњаковски и потсети дека во Пелагонискиот и Југоисточниот регион сите општини веќе ја имаат донесено одлуката и се подготвени да започнат со постапка за избор на концесионер.

Проблем има, како што кажа, во Вардарскиот каде одлука нема донесено само општина Росоман каде треба да биде сместен регионалниот центар, а иста е и ситуацијата во Југозападниот регион каде едниствено општина Дебарца каде нема донесено одлука, а токму таму треба да биде сместена регионалната депонија.

– Со општините Дебарца и Росоман потребно е дополнително да се разговара со цел да ги прифатат резултатите од студиите кои се изработени со ИПА дека тоа е најсоодветно решение за управување со цврст отпад во Република Македонија. Овие општини би требало да имаат сенс и да се согласат дека на нивна територија е потребно да се изградат овие регионални центри, бидејќи во спротивно ќе се изгубат значителни финасиски средства и дополнително време, посочи Бошњаковски.

Тој нагласи дека преку ИПА фондовите веќе се обезбедени средства за реализиација на регионалните депонии за Источниот и Североисточниот плански регион. За Полошкиот регион, додаде, почната е изработка на техничка документација со помош на Швајцарската влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 14:28