Унапредувањето на соработката во областа на туризмот, негувањето и развивањето на културните врски, како и можноста за воспоставување авионска линија на релација Москва – Охрид беа темите на разговор на градоначалникот Јован Стојаноски и новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација во Македонија Сергеј Баздникин кој вчера престојуваше во работна посета на Охрид.
На средбата на која присуствувал и почесниот конзул на Русија во Македонија Велимир Стојковски биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и народи и заложбите за нивно продлабочување и развивање, во сите области од заеднички интерес, соопштија од Кабинетот на Стојаноски. Разгледана била и можноста за збратимување со градот Подолск, со кој Општина Охрид има потпишано протокол за соработка.
Амбасадорот Баздникн вчеравечер го посети и ОУ „Христо Узунов“ каде веќе втора година факултативно се изучува рускиот јазик.