Германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ја повика Владата на Германија да го следи примерот на Австрија и да се повлече од глобалниот Договор на ОН за безбедна и легална миграција.

– Додека Федералната влада на Германија претпочита да се занимава со сопствената неспособност во критичен момент, во Австрија се преземаат постапки во корист на луѓето, изјави копретседателот на АфД, Јорг Мојтен.

Според него, како што јави ДПА, предложениот Договор на ОН е „програма за раселување економски бегалци, кои бегаат од сиромаштија“.

Алис Вајдел, претседател на парламентарната група на АфД пак оцени дека преку договорот „се легализира илегалната миграција, а потенцијалните мигранти од целиот свет им се даваат клучевите на германскиот социјален систем“.

Владата во Виена на конзервативната Народна партија на канцеларот Себастијан Курц и екстремно десничарската Партија на слободата на вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе денеска соопшти дека Австрија се повлекува од глобалниот Договор на ОН за миграција, поради суштински несогласувања.

Виена смета дека Договорот на ОН за миграција е несоодветен за регулирање на мигрантските прашања и стравува од губење на суверенитетот во мигрантската политика и „бришење“ на разликите меѓу легалната и илегалната миграција.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 17:24