Прилепски водовод смета дека Советот на Општина Прилеп треба да ја донесе предлог-одлуката на ова Јавно претпријатие за цената на услугата за пречистување на отпадните води, која треба да се воведе со профунционирањето на пречистителната станица што се изгради со пари од европските фондови.
Во спротивно, ќе се применува предлог-одлуката на Регулаторната комисија која подразбира повисока цена. Ова денска на прес-конференцијаго нагласи директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп Емил Јанески, со што ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека станува збор за нов товар за граѓаните и повисока цена за водата. Предлог-одлуката на претпријатието беше на вчерашната седница на Советот, која е прекината и одложена.
Јанески нагласи дека добро е што Прилеп доби пречистителна станица за отпадните води што ќе значи чиста животна средина, здрави земјоделски производи за што се залага ЕУ, која ја финансираше изградбата на станицата, но, рече, не треба да се партизира ова прашање, особено што станицата почна да се гради во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и јасно беше дека се воведува нова тарифа во сметките за пречистување на отпадните води. Прилепски водовод предлага пониска цена на тарифата од онааа на Регулаторната комисија.
– Предлогот на Прилепски водовод што треба да помине на седницата на општинскиот совет е оваа тарифа да биде 17,35 денари за оваа и наредните две години, додека пак Регулаторната комисија за енергетика предлага поивисоки просечни цени за 3 до 4 денари, а предлог-максималните цени се повисоки дури и за 10 денари. За пример, Регулаторна предлага просечни цени за оваа и наредните две години од 19,85, од 20,65 и од 21,44 денари, а предлогот на максималните цени се движи од 25,41, преку 26,66 па до 27,56 денари за 2020 година. Во интерес е на граѓаните да се прифати предлогот на Прилепски водовод со пониска цена. Не се зголемува цената на водата, туку е ова тарифа за пречистување на отпадните водси. И за 10 кубици потрошена вода, тарифата за отпадните води е околу 170 денари, објасни Јанески.
Според Јанески, рокот за прифаќање на предлогот на Прилепски водовод за пониска цена на тарифата за пречистување на отпадните води е до 6, односно 7 ноември по што ќе стапи во сила предлогот на Регулаторната комисија.
– До 6-ти, односно 7 ноември, истекуваат 150 дена во кои јавните претпријатија ја донесуваат одлуката за цената, за потоа да стапат во сила предлозите на Комисијата. А тоа ќе доведе повисока цена на услугата, додаде Јанески.
Пречистителната станица во Прилеп неодамна е официјално пуштена во функција, а се гради со години, уште по потпишувањето на четирипартитниот договор во 2008 година. До крајов на годинава стопанисувањето треба да го преземе Прилепски водовод.
-Пречистителната станица сега е запишана во катастарот како сопственост на Република Македонија. Очекуваме со одлука на Владата, сопственоста да се пренесе на Општина Прилеп, а потоа со одлука на Советот, прилепското јавно комунално претпријатие „Водовод и канализација“ да го преземе стопанисувањето со пречлистителната станица. Тоа очекуваме да се случи до крајот на оваа година, рече Јанески.
Јанески нагалси дека цената на водата останува 26,22 денари и нема да се промени, а Прилеп не се очекува да има проблеми со водоснабдувањетто во наредниот период. Доколку се намалат дополнителните количества вода од ЈП „Студенчица“, градот има на располагање девет бунари кои ќе се стават во функција.