Општина Виница очекува да добие околу 3,6 милиони денари од најавената финансиска помош што државата ќе им ја распредели на општините за намалување на нивната задолженост. Со овие пари ќе се подмират дел од долговите што го отежнуваат функционирањето на локалната самоуправа, а кои се наследени пред повеќе години.
-Вкупниот долг на Општина Виница изнесуваше 96,7 милиони денари, а заклучно со третиот квартал, односно до 30 септември, за неполна година ние го намаливме за 15 милиони денари. Веќе доставивме известување до Министерството за финансии за целокупниот долг на општината, од што 3,7 милиони се по основ на наследени тужби од АД “Пелагонија“ за изградбата на плоштадот „Ангел Винички“ и на неколку улици, а 1,3 милиони денари се по тужба од ЕЛЕМ. Очекуваме барем половината од овие долгови да ги покриеме од буџетот на државата со најавената помош за општините, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Советот на Општина Виница веќе донесе одлука за намалување на основниот буџет за оваа година за околу 11,5 милиони денари. Наместо планираните 107 милиони денари, локалната власт на располагање ќе има 96 милиони, но тоа нема негативно да се одрази врз реализацијата на планираните активности, бидејќи со нешто повисок процент е намален наследениот долг на Општината. Најголемите кратења се направени кај платите поради проекти за кои се очекувале трансфери, но истите се префрлени за идната година.
Градоначалникот Димитров најави дека и покрај задолженоста Општина Виница ќе продолжи со реализацијата на капиталните проекти, при што вниманието ќе биде насочено кон изградба на локален пат во планинскиот реон, за што е поднесена апликација до Платежната агенција, а еден дел е и со сопствено учество. Исто така, во фаза на изработка е детален урбанистички план за изградба на затворен пазар во Виница.