Дефектолози, психолози и наставници од Куманово учествуваа на меѓународна средба во Париз, Франција, за да ги согледаат предизвиците со кои се соочуваат европските држави и Македонија во сферата на инклузивното образование, информираа денеска надлежните од Дневниот Центар за лица со попреченост „Порака Наша“.
Средбата се одржала кон крајот на октомври, а учествувале претставници од училишта и граѓански организации од Франција, Полска и Романија во рамки на проектот „Бест“ кој има за цел да ги истакне предностите на инклузивното образование, да ги утврди недостатоците и да понуди решенија за подобрување на процесот на инклузивното образование.
– На меѓународната средба која се одржа во Париз, Франција заклучивме дека и на двете земји ни се потребни дефектолози во редовните училиште како стручни профили кои најдобро можат да одговорат на потребите на децата со посебни потреби. Потребни ни се и асистенти во наставата кои можат да го подржат инклузивниот процес, а и на двете земји се повеќе од потребни нагледни средства и материјали кои ќе помогнат за полесно и подобро совладување на наставните содржини, изјави дефектологот од „Порака Наша“, Фросина Симоновска, магистер по специјална едукација и рехабилитација.
Проектот „Бест“ го координира француската национална асоцијација „Култура 21“ во рамки на програмата „Еразмус +“, а од Куманово, покрај „Порака Наша“ вклучени се и основното „Толи Зордумис“ и средното училиште „Киро Бурназ“.
Проектот за наставниците нуди решенија, алатки, форми и методи со кои тие ќе можат полесно да ги препознаат потребите на учениците со попреченост, да ги применат и да постигнат поголем успех кај секој поединец.
– Со Законот за основно образование, родителите на децата со посебни образовни потреби можат да ги запишат своите деца во редовно училиште. Тоа значи дека сме должни да креираме училиште по мерка на детето, кое може да одговори на потребите, можностите и способностите на децата со посебни потреби, а не акцентот да биде ставен на попреченоста како медицинска категорија, вели Симоновска.
Инклузијата, велат од „Порака Наша“, е процес кој трае и за успешно инклузивно образование кон кое се стреми Македонија, важна е постојаната едукација на инволвираните во образованието и размена на искуства со наставници, дефектолози и други стручни профили од европските држави.