Хуман граѓанин од селото Таринци во општина Карбинци сака да му донира земјиште на здружението „Сплотени срца“ од Штип за изградба на рехабилитационен центар за лицата со посебни потреби.

Одлуката ја донел откако увидел со какви проблеми се соочуваат родителите на децата со посебни потреби. Нивата му стоела необработена, а неговиот син е во странство и не планира да се врати.

Во тек се разговори на кој начин да се преземе донацијата, а претстои и период во којшто земјоделското земјиште треба да се пренамени во градежно.

Зоран Мијалков од здружението „Сплотени срца“ вели дека ова е добра вест за нив бидејќи до земјиштетото има и водовод и електрична енергија.

– Жител на село Таринци сака да ни ја донира неговата нива од седум декари, што е доволно за изградба на рехабилитацискиот центар, којшто сакаме да биде изграден. Се надеваме дека наредната година конечно ќе Ве повикаме да ставиме камен темелник за центарот за деца и возрасни со посебни потреби, изјави Мијалков.

Тој забележува дека веќе имаат донации за изградба на центарот, а наскоро ќе почне и кампањата за продажба на маици во САД и Канада и во европските држави.

– Проценката за тој центар е дека ќе чини од 500 до 600 илјади евра. Меѓутоа дел од тие пари нема да бидат како финансии, туку донации од градежни фирми и работни групи. Значи ќе чини многу помалку, бидејќи во изградбата на центарот ќе се вклучиме сите, појасни Мијалков.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 18:11