Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека поделбата меѓу православните цркви по одлуката на Цариградската патријаршија да ја признае автокефалноста на украинската православна црква, ќе предизвика „сериозни последици“.
– Сакам да нагласам една работа: политизацијата во толку чувствително подрачје секогаш повлекува најтешки последици, пред се за тие кои го прават тоа, рече Путин на форум на претставници на руската дијаспора во Москва.
Ова е прва изјава на Путин во врска со кризата предизвикана со признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква.
Путин при тоа ги осуди „обидите за прекин на врските“ помеѓу Руската православна црква и нејзините верници во странство.
– Наша заедничка задача пред луѓето е да го зачуваме духовното и историското единство на православието, истакна Путин.
Кон средината на октомври Цариградската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква, со што го отвори прашањето за статусот на милиони верници во Украина, каде што Руската православна црква има големо влијание.
Православните христијани во Украина се поделени, односно еден дел се под јурисдиклција на Московската патријаршија, а друг дел на Киевската патријаршија, која прогласи автокефалност по независноста на земјата во 1992 година и до сега не беше призната од ниту една православна црква во светот.