Нигериски војници во изминатите пет дена убиле најмалку 48 членови на шиитско муслиманско движење, а околу 400 биле уапсени, соопшти полицијата и претставник на шиитите.
Судирите избувнаа меѓу војници и приврзаници на уапсениот проирански свештеник Ибрахим Закзаки во Абуџа во саботата, понеделникот и вторникот, изјави Ибрахим Муса, портпарол на Исламското движење на Нигерија (ИМН).
ИМН изброила најмалку шест тела во саботата, и 35 тела во понеделникот, додека седум лица загинале вчера, изјавил Муса за ДПА.
Војската ја потврди смртта на шестмина демонстранти.
Закзаки беше уапсен без судење во декември 2015 година по големиот судир меѓу безбедносните сили и неговата група. Тогаш беа убиени стотици членови на ИМН. Од тогаш шиитското движење одржува годишни протести со кои бара ослободување на Закзаки.
Повеќето нигериски муслимани се сунити. Шиитското малцинство тврди дека страда од верско прогонство.