Кандидатот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за градоначалник на Ерусалим отпадна уште во првиот круг од локалните избори што се одржаа во понеделникот, а двајцата кандидати кои освоија најмногу гласови ќе се соочат во вториот круг на 13 ноември.

Според официјалните резултати објавени денеска, никој од шестмината кандидати за градоначалник на Ерусалим не освои 40 отсто од гласовите, за да биде избран. Зеев Елкин, поддржан од премиерот, кој е и негов сопартиец од десничарската партија Ликуд, освои само 20 проценти.

Елкин беше претекнат од Моше Леон, друг десничарски кандидат, поддржан од министерот за одбрана Авигдор Либерман. Со 33 отсто од гласовите, во вториот круг Леон ќе се соочи со Опер Беркович кој доби 29 проценти. Тој е единствениот нерелигиозен кандидат за функцијата, основач и претседател на движењето „Хиторетут“ („Будење“ на иврит).

Во Тел Авив, реизбран е актуелниот градоначалник Рон Хулдаи, член на левата Лабуристичка партија, кој е на чело на израелскиот економски центар од 1998 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2018 20:14