Општина Битола ја утврди програмата за одбележување на „4 Ноември“, денот на ослободувањето на градот, која според востановената традиција се реализира со повеќе манифестации, а завршува на денот на празникот со свечена академија.

Првата манифестација „Велосипедски хепенинг“ ќе се одржи утре напладне во битолскиот Градски парк, а според програмата планирани се промоција на книгата „Педагошко-психолошка служба во Битола и Битолско“ од авторот Ѓорги Лазаревски, концерт на пејачката група „Сирма Војвода“, доделување на наградите и промоција на аматерски документарни филмови од ФАДФ…

Централно внимание на годинашното славење на 4. Ноември – Денот на ослободувањето на Битола ќе биде посветено на јубилејот 50 години од денот на збратимувањето на Битола со францускиот град Епинал, и во рамки на таа програма ќе бидат отворени изложба на тема „Претставување на Св.Никола во делата на Жан Пол Маршал“, сликар гравер во дрво од Епинал, и изложба на фотографии на тема „50 години соработка Битола-Епинал“ чиј автор е фоторепортерот и новинар Петар Ставрев.

Свечената академија и доделувањето на општинските награди и признанија за годишни остварувања, како и наградата за животно дело е закажано за в недела вечер во битолскиот театар.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 10:22