Општина Гевгелија денеска ја соопшти петдневната богата културно уметничка програма со која ќе го одбележи Денот на ослободувањето – 7 Ноември.

Со традиционалната манифестација „Фолклорен ѓердан“ прославата на 74-годишнината од ослободувањето на градот ќе почне утре во салата на Народниот театар, каде што веќе наредниот ден, во сабота, ќе се одржи и свечениот концерт по повод 40-годишнината од формирањето и работењето на основното музичко училиште „Васо Карајанов“ од Гевгелија.

Програмата ќе продолжи во понеделник, на 5 ноември, со отворање изложба на која ќе се претстават членовите на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија и со поетско – музичката манифетација „Пееме за Гевгелија“.

Во пресрет на празникот, на 6 ноември, ќе се одржи балетска вечер со ансамблот на музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, а богатата програма ќе заврши со театарската претстава „Вдовицата се мажи“ во изведба на театарот од Велес.

На Денот на ослободувањето – 7 Ноември, програмата предвидува положување цвеќе на спомен обележјата во градот, свечено предавање во употреба на новиот водоснабдителен систем на Гевгелија и одржување свечена академија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 11:12