Резултатите за загаденоста на воздухот во Кочани со ПМ10 честички и други штетни состојки не ги одразуваат реалните состојби, поради специфичната местоположба на мерната станица. Затоа, локалната самоуправа ќе бара нова локација во централното градско подрачје на која би се поставил уште еден пункт со опрема за мерење на состојбата со амбиенталниот воздух.

На седницата на Советот на општината, градоначалникот Николчо Илијев информираше дека ќе биде упатено барање до Министерството за животна средина и просторно планирање, откако претходно ќе се определи соодветна локација.

- Постојната мерна станица што е лоцирана на улицата „Глигор Апостолов – Гочо“ е во непосредна близина на голема крстосница каде поради честите застои на возилата се јавува зголемена концентрација од издувни гасови. Тоа не ја отсликува вистинската состојба, па се случува да се добијат повисоки резултати на загаденост на воздухот во споредба со градовите каде што реално таа постои. Очекувам во соработка со Советот на општината и со стручни лица да најдеме погодна локација во градот каде би била поставена втора мерна станица, истакна Илијев.

Податоците за состојбата со воздухот минатата зима покажуваа присуство на ПМ10 честички и над 100 микрограми на метар кубен, со што Кочани често влегуваше во светлоцрвено високо ниво на загаденост.

Од локалната самоуправа очекуваат со поставувањето на уште една мерна станица да можат да се пресметуваат и просечни вредности на загаденоста од двете локации што би биле пореални со фактичката состојба на терен.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2018 16:33