Американската влада надгледува знаци за евентуално странско мешање во претстојните избори за Конгресот и подготвена е да санкционира која било компанија или поединец кои би биле вмешани во такви активности.

– И понатаму сме загрижени поради мешање на Русија, Кина и Иран, изјави неименуван висок претставник на администрацијата за плановите на федералната влада да помогне во обезбедување на изборите што ќе се одржат на 6 ноември.

Тој не даде детали дали постојат одредени цели на странско влијание, но рече дека разузнавачките служби се подготвени за идентификување поединци, кои се мешаат во гласачкиот процес.

Белата куќа ќе се координира со ФБИ, Министерството за правда и Министерството за внатрешна безбедност и разузнавачки агенции во напорите за спречување кибер напади врз изборниот процес.

Министерството за правда планира на денот на изборите да воспостави „командно место за мешање во изборите” за да му помогне на ФБИ брзо да комуницира со своите различни испостави на теренот, изјави друг висок официјален претставник на американската администрација.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 00:44