Над 1 200 садници со три вида дрва денеска почнаа да се засадуваат на површина од еден хектар во околината на манастирот „Св. Преображение” над Крушево, во месноста „Вршник”. Иницијативата за оваа акција е на општината, на грчката компанија за преработка на тутун „Секе”, на ЈП „Македонски шуми” со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Садниците во околината на манастирот ги засадуваа вработени во локалната самоуправа, во компанијата „Секе” и во ЈП „Македонски шуми”. Според директорот на ЈП „Македонски шуми” Зоран Георгиев, ова значи дека се исполнува програмата на јавното претпријатие за пролетно и есенско засадување садници во Крушево и низ целата држава, без разлика што се укина манифестацијата „ Ден на дрвото”.

-Во соработка со локалната самоуправа донираме дел садници: сребрена смрча, дугазија и црн бор. Вкупно се 1 200 садници и ќе биде опфатена површина од еден хектар. Целта на ова пошумување е да се подигне моралот кај луѓето по укинувањето на манифестацијата „Ден на дрвото”. Со укинувањето на манифестацијата не значи дека прекина пошумувањето во земјава. По редовните планови и програми на ЈП „Македонски шуми” ние вршиме пролетни и есенски пошумувања. Апелирам оваа иницијатива да продолжи во општина Крушево и да стане традиција, изјави Георгиев.

Еден од главните иницијатори е грчката компанија за преработка и откуп на тутун „Секе” која трета година донира садници за пошумување на околината на Крушево, нагласува директорот на оваа компанија Јане Станкоски.

-По третпат компанијата „Секе” ДОО Прилеп иницира акција на пошумување на места определени од општината во околината на Крушево. Акцијата се нарекува „Засади дрво- засади надеж” и е дел од нашата програма. Во акцијата учествуваат вработените во компанијата „Секе”, во крушевскта локална самоуправа и од ЈП „Македонски шуми”. Ние донираме околу 1000 садници. Досега сме засадиле во Крушево преку 2000 садници, изјави Станкоски.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски наглсува дека вака се заштитува животната среднина, но и се промовира туризмот во Крушево. -Целта е да создадеме повеќе зелени површини, да не се сечат дрвјата, да создаваме побогати шуми, а со тоа да се зачува здравата животна средина, а преку тоа се зголемува промоцијата на туризмот во Крушево, изјави Христоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 20:28