Властите во Техеран денеска соопштија дека Иран не е загрижен поради повторното воведување на американските санкции за нафтениот и финансискиот сектор на земјата.

– САД нема да можат да спроведат никакви мерки против нашата голема и храбра земја… Ние имаме знаење и способност да ги водиме економските работи на земјата, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бахрам Касеми.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави повторно враќање на санкциите кон Иран, кои беа укинати со потпишувањето на нуклеарниот Договор во 2015 година.

Санкциите се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран. Тие ќе важат од понеделник, а ќе бидат казнувани и државите кои нема да престанат со узвоз на иранска нафта, како и странски компании кои соработуваат со иранските фирми што се наоѓаат на т.н, американска „црна листа“.

Ова се втор пакет санкции откако со одлука на Трамп во мај оваа година САД се повлекоа од нуклеарниот Договор со Иран.

Осум, засега неименувани, земји ќе бидат изземени од санкциите и ќе им биде овозможен привремен увоз на иранска нафта.

Според САД, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, не се повлече од Сирија и целосно не ја прекине својата програма за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2018 20:58