Ѕвездата на Челзи, Еден Азар ги надмина проблемите со грбот, но се уште не е подготвен за полни 90 минути игра, изјави тренерот на „сините“, Маурицио Сари на прес-конференција пред натпреварот в недела против Кристал Палас.
– Еден вчера тренираше и го мина речиси целиот тренинг со тимот. Можеби тој не е подготвен да одигра цел дуел, бидејќи тоа беше првиот тренинг за него по две недели. Сметам дека сепак спокојно може да одигра 40-45 минути. За нас е многу важно тој да е на теренот, кога е здрав, прокоментира италијанскиот тренер.
Белгиецот не беше на располагање на Сари против Барнли минатата недела, но и без него „сините“ немаа проблеми и запишаа нова победа.
Тие се наоѓаат на третото место на табелата со 24 бода, два помалку од лидерите Манчестер Сити и Ливерпул.