Полска најверојатно ќе се повлече од договорот на Обединетите нации за миграција, изјави полскиот премиер Матеуш Моравијецки.
– Најверојатно нема да бидеме дел од тој глобален Договор, рече Моравијецки на заедничка прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел.
Тој додаде дека суверената полска политика за азил и контрола на границите имаат предност за Варшава.
– Најверојатно како и Австрија, а и како што размислува Чешка, нема да бидеме дел од глобалниот Договор за бегалците, бидејќи сметаме дека нашите суверени принципи и контрола на границите се наш приоритет. Меѓутоа, сакаме да придонесеме за намалување на тензијата, да им помогнеме на државите кај нив, но и преку нашите гранични стражи. Во ред е во Европската унија да имаме разлики, но принудувањето на државите членки не е добар пат, рече Моравијецки.
За разлика од него, германската канцеларка го поддржа глобалниот Договор за ОН за миграција.
– Од една страна го нагласуваме суверенитетот на државата во пактот, бидејќи тоа се одлуки на секоја земја. Постои Женевска конвенција. Сите сме против нелегална миграција, но ако има размена, се залагаме за легална миграција. Пактот не е правно обврзувачки, но Германија останува со него, истакна Меркел.
Повлекување од овој Договор вчера најави Австрија, следејќи го примерот на САД и на Унгарија.
Владата во Виена на конзервативната Народна партија на канцеларот Себастијан Курц и екстремно десничарската Партија на слободата на вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе вчера соопшти дека Австрија се повлекува од глобалниот Договор на ОН за миграција, поради суштински несогласувања.
Виена смета дека Договорот на ОН за миграција е несоодветен за регулирање на мигрантските прашања и стравува од губење на суверенитетот во мигрантската политика и „бришење“ на разликите меѓу легалната и илегалната миграција.
Германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ја повика Владата на Германија да го следи примерот на Австрија и да се повлече од глобалниот Договор на ОН за безбедна и легална миграција.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш вчера најави дека сака Прага да се повлече од глобалниот Договор на Обединетите нации за миграција.
Бабиш рече дека за тоа ќе разговара со своите коалициски партнери во Владата.