[photo}
На плоштадот „Александрија“ во Прилеп денеска како дел од предизвикот „IceBottleChallenge.org“ пред голем број ученици, млади и пред прилепчани ќе се означи официјалниот старт на турнирот во „Bottle Flip“ за сезоната есен/зима 2018/2019 година.
Според Влатко Наумоски, претседател на здружението за почист свет „BottleRecycle.org“ (Ботал Рисајкл Дот Орг) турнирот е под мотото „Инспирираме добри навики кај младите за фрлање отпад во корпа преку игра забава и награди”. Предвидено е да се поделат 1000 бесплатни шишиња изворска вода, 70 бесплатни маици, и бесплатни етикети што треба да се залепат на пластичните шишиња, а воедно ќе се одигра првиот „Bottle Flip“ натпревар.
– Со турнирот во Bottle Flip имаме за цел преку игра забава и награди да ги инспирираме младите на добри навики за фрлање на отпад во корпа а со тоа истовремено да добиеме и почиста животна средина без чистење. За таа цел го изработивме и првото едукативно видео. Специјални гости ќе бидат ѕвездите од „Ју Тјуб Македонија“: IB, Bambo, LordOfails, вели Наумоски.
Турнирот треба да трае до февруари 2019 година. По завршувањето, ќе биде прогласен шампионот кому ќе му биде доделен трофејот златно шише од 14-каратно злато, а големината на шишето и бројот на наградите ќе зависат од големината на сите донациии и поддршката. Трофејот ќе биде доделен на манифестацијата „Голден ботал авардс“ (Golden Bottle Awards) што се планира да се одржи кон крајот на февруари 2019 година, со што ќе се означи крајот на сезоната есен/зима и почетокот на новата сезона пролет/лето 2019 година.
До последен момент на стартот на турнирот тече и пријавувањето на натпреварувачи и екипи.
Инаку, на 11 октомври на плоштадот во центарот на Прилеп беше најавен турнирот со завртувањето на првото пластично шише како назнака за овој глобален предизвик.