Недостатокот од лекари во штипската Клиничка болница ќе се реши делумно со новите вработувања на лекари. Директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев вели дека засега ситуацијата со лекарите специјалисти во болницата е добра и се покриени сите одделенија. Направена е и анализа на кои одделенија во болницата во наредните години ќе недостигаат специјалисти.

– Ситуацијата со лекарите специјалисти е добра, меѓутоа мора да гледаме напред, развојно. Знаеме кои специјалисти во наредните години ќе заминат во пензија и сметам дека со овие лекари, кои што сега ги примивме, а кои во текот на наредната година голем дел од нив ќе пратиме на специјализација, ќе се пополнат празнините на сите оние лекари кои би заминале од најразлични причини, изјави Ѓеорѓијев.

Најкритично, според него, е на Одделението за анестезиологија, каде што недостасуваат специјалисти и треба да се пратат лекари на специјализација. Штипската клиничка болница годинава има добиено една специјализација и тоа за анестезиологија, а оваа специјализација ќе биде дадена на некој од лекарите, кои се примени на последниот оглас за вработување.

– На Одделението за анестезиологија правиме напори, за да се екипираме. Генерално, сите одделенија функционираат, како што треба, а за сите имаме предвидено специјализации, кои би ги дале на ново примените лекари, за да не се доведеме во ситуација некое одделение да има тешкотии во функционирањето, појаснува Ѓеорѓијев.

Најавува дека седум лекари специјалисти ќе заминат на субспецијализации, кои годинава ги има одобрено Министерството за здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2018 13:02