Со положување свежи цвеќиња, делегации на општината, на Сојузот на борците, на политички партии, здруженија и граѓани, им оддадоа почит на загинатите борци и заслужните дејци: пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, на Кузман Јосифоски-Питу, идеолог на НОБ и Народната револуција, на Могилата на непобедените и пред споменикот во месноста Песјобрдце каде се одвивале завршните борби за ослободувањето на градот на 3 ноември 1944 година.

Честитајќи им го денот на ослободувањето на градот на прилепчани, градоначалникот Илија Јованоски рече дека борците се изборија за оваа слобода која треба да ја чуваме.

– Да се избориме за подобар стандард на граѓаните, за развој на Прилеп и подобар живот, рече Јованоски.

Според Круме Соколоски, Прилеп е горд на револуционерните придобивки.

– Во завршните борби за конечното ослободување на Прилеп загинаа околу 230 партизани. Како прилепчани треба да сме горди што нашиот град-херој ги почитува овие револуционерни традиции, рече Соколоски.

За претседателот на прилепскиот совет Миле Талески 3 ноември е еден од најбитните датуми во нашата историја и да биде поттик за економски просперитет на градот.

Вечер, во големата сала од Центарот за култура „Марко цепенков" на свечена седница на советот, ќе бидат доделени 3-то ноемвриските награди за заслужни поединци и институции за развојот на Прилеп.

Дуетот Кевсер Селимова и Ѓорѓи Желчески се добитници на најпрестижната награда на Прилеп –наградата за животно дело поради достигнувањата на овие двајца музички уметници, по потекло од Прилеп, за промоција на македонската музика во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2018 19:12