Во просториите на основното музичко училиште ,,Васо Карајанов" во Гевгелија денеска се собраа некогашните и сегашни ученици на средба со своите професори да го прослават јубилејот 40 години од постоењето на училиштето кое дејноста ја почнало на 1 ноември 1978 година.

Директорката Сузана Стефановска,која и самата ги учела основите на музицирањето во ова училиште ги поздрави сите присутни на прославата и им се заблагодари на сегашните вработени во колективот за постигнатите резултати во работењето,но и на сите наставници кои некогаш предавале во училиштето.

Низ ова училиште поминале многу ученици кои денеска се музички уметници и реализирани граѓани во општеството како на пример Глигор Гелебешев-професор по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј,, во Скопје, Невенка Чурлинова, виолинистка во Македонската опера и балет, Маја Аблакова-професор по виолина на конзерваториумот во Париз, Роберт Сапламаев-виолинист, кој живее и работи во Австрија и уште многу други мајстори на музички инструменти.

По повод јубилејот свечен концерт ќе биде приреден вечер во рамки на прославата на Општинскиот празник 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/11/2018 19:52