И годинава како и претходните во последната деценија се намалуваат приносите на мед во кумановскиот регион, констатираат пчеларите. Просечниот принос се движи од 10 до 11 килограми мед по пчелно семејство, што е помалку во однос на претходната, кога изнесувало од 12 до 13 килограми. Саемската манифестација што се одржа 18. пат во Куманово, во организација на здружението „Пчела“, пчеларите ја искористија да споделат искуства и да се пожалат дека климатските промени им го преполовиле производството.

– Годинава производството е за нијанса послабо, за еден-два килограми, но е во границата на задоволително. Намалувањето на приносите се должи ислучиво на климатските промени, изјави претседателот на здружението „Пчела“, Часлав Ристовски. И тој веќе 17 години пчелари и има 52 кошници лоцирани во селото Косматац.

Во екот на пашата, раскажуваат пчеларите, временските услови биле неповолни за пчелите. Во јуни времето во Кумановско беше дождливо, студено со ветрови, што резултираше со ниско производство.

– Но, сè зависи од регион до регион. Има пчелари кои имаат пчеларници поставени на оддалеченост од само три километри, во едниот остваруваат значителни приноси, а во другиот едвај достигаат и до пет килограми по пчелно семејство, раскажува Ристовски.

Микроклимата е многу битна за пчеларите. Се случува посевите да се насадени со медоносни растенија како што е фацелија или медоносни дрвја, еводија, софора, така што приносот е значителен.

– Ние како пчелари може и самите да насадиме медоносни растенија или дрвја и субвенциите да се исплаќаат во време кога ни се потребни во рамки на производството, вели Ристовски.

И покрај постојното органско производство, побарувачката на органски мед е слаба, велат пчеларите, и додаваат дека трошоците за органско производство и стекнувањето на сертификатот се доста високи, иако субвенциите се високи.

Пчеларот Слободан Денковски од Скопје, кој произведува органски мед, вели дека неговиот пчеларник со 120 кошници се наоѓа во месноста Орман, над кумановското село Пчиња, на оддалеченост од три километри од населено место, на далечина од места каде што се насеани одредени култури, фабрики, автопатишта, од сите извори на загадување што можат да влијаат врз квалитетот на медот. Тој појаснува дека сето останато за стекнување серификат е човечки фактор.

– Причините за намалување на производството на мед треба да ги утврдат научниците, но наше мислење е дека климатските промени го земаат својот данок, особено во нашата дејност, вели Денковски.

Пред десетина години самиот произведувал 30-тина килограми мед по пчелно семејство, сега тој просек е паднат на 15-тина килограми. За да има успешно нектарење, мора да има погодни услови, влажност на воздухот, погоден воздушен притисок, силина на ветрот. Пролетните месеци се клучни за нектарење и медобер, а сè зависи и од билките, но ниту една не бара многу дожд, вели Денковски.

Колку е значајна микроклимата за приносите на мед раскажува пчеларот од Куманово, Горан Митевски, кој се занимава со пчеларство десет години и поседува кошници на две локации, во Градиште и Пезово, двете локации многу ретко населени, така што пчелите собираат мед од диворастечки растенија. И тој од искуството од сопственото производство го потврдува негативниот тренд во однос на приносите и, вели, за наши услови приносот може и да е задоволителен, но споредено со европските приноси е катастрофален.

– Микроклимата е многу битна, на пример, на некои места истура дожд, а само три километри подалеку воопшто не врне. Двата пчеларници се блиску, но годинава имав многу различни приноси. Пчеларникот во Градиште е во близина на насад од копар, што позитивно влијаеше на приносите на мед, но битна е и климата. Една година имаше суша, така што билката не лачеше нектар и имав многу ниски приноси, вели Митевски.

Освен цветањето на билките, потребни се и соодветна температура и влага. Кај нас години наназад, појаснува Митевски, токму во мај и јуни има или неверојатни суши или дождови и ниски температури, а често дење високи температури, ноќе ниски, со што се оневозможува активноста на пчелите во однос на преработката на медот.

Од друга страна, ниските приноси на мед не ги загрижуваат младите кои во сè поголем број се зачленуваат во здружението, така што оваа гранка, сметаат надлежните, ќе продолжи да се развива. И државата има понуди како да се развие гранката преку различна поддршка и програма, како што е набавка на опрема, со која вложените средства сто проценти се враќаат.

Од регионалниот центар Куманово на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството информираат дека 2018 година за мерката „50-50“ аплицирале 14 пчелари од поширокиот кумановски регион и на сите им се одобрени апликациите.

– Пет пчелари на последниот оглас аплицираа и за мерката „Млад земјоделец“ за набавка на пчелни семејства и опрема, што укажува дека има интерес за оваа гранка, изјави раководителот на подрачната единица Куманово, Џабир Рамадани.

Поддршката за пчеларите на државата се движи од 600 до 800 денари во зависност од бројот на кошниците.

Климатски промени има насекаде во светот, велат пчеларите, и значајно е и Македонија да се приклучи кон препораките за засадување автохтони медоносни сорти растенија, кои опстојуваат и кои можат да се справат со климатските промени.

Пчеларите исто така аплицираат и за садење вакви дрвја и растенија преку мерката „50-50“.

Покрај климата, многу е важно, сметаат пчеларите, да има организиран откуп на медот. Во соседна Србија, велат кумановските пчелари, нивните колеги се многу поорганизирани, имаат и повеќе опрема и нивниот мед наскоро ќе се откупува од фабрика, па ќе се извезува во западноевропските држави. Ваквиот пример, велат, треба да го следи и Македонија. На овој начин ќе имаат бенефиција и пчеларите, кои ќе добијат повиска цена за произведените количества.

Александра Максимовска/МИА



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2018 10:57