Во тек е постапката за ликвидирање на двете регионални претпријатија за источниот и севроисточниот регион, кои беа формирани за стопансиување за регионална депонија.

Директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева вели дека оваа постапка ќе се одвива во наредните месеци, а се очекува да заврши до март 2019 година.

Општините од двата плански региони на седници на Советите треба да ги донесат одлуките, по што ќе се формира ново јавно претпријатие, кое ќе стопанисува со интегрираниот систем за управување со отпадот од двата региони, а кој треба да се изгради меѓу светиниколското село Мечкуевци и пробиштипското село Абрашинци.

– Став е на ЕУ делегацијата и на консултантите дека треба да има само едно претпријатие, за двата региона. Така да штом се ликвидираат овие претпријатија ќе се оди во наредната фаза за формирање на новото јавно претпријатие. Ова е фактички сопирачки дел од нашите активности, бидејќи доколку не ги ликвидираме тие претпријатија, доколку не формираме ново меѓурегионално претпријатие неможеме да ги добиеме наредните средства за новите активности, вели Здравева.

Појаснува дека станува збор за 35 милиони евра, кои ќе се искористат за купување на специјални камиони и контејнери за транспорт на отпадот и за изградба на фабрика за отпадот од источниот и североисточниот регион. Прашана за барањето на градоначалникот на Општина Свети Николе за поместување на локацијата на депонијата од селото Мечкуевци во близина на селото Богословец, таа забележува дека на овој проект се работи речиси десет години, со европски експерти и пари. Досега се направени сите истражувања на терен и студии.

– Секој има право различно да размилсува. Меѓутоа јас велам вака „светот не почнува од мене или од вас". Значи овој проект веќе десет години континуирано се спроведува. Правена е целосна анализа, за која што се потрошени 850.000 евра, за изработка на тој документ. Анализирани се различни локации и да се најде адекватна локација, која што нема да има никакво влијание врз луѓето, животинскиот и растителниот свет. Имаше неколку локациии финално е локацијата кај Мечкуевци, која е определена, неможе ова барање да се помести локацијата, вели Здравева.

Директорката на Центарот за развој на ИПР, Здравева, која речиси десет години со две гарнитури на градоначалниците од овој регион работи на еден од најголемите проекти за регионот потенцира дека истокот и североистокот нема да имаат класична, отворена регионална депонија, туку ќе имаат затворен систем, односно современа фабрика за отпад, од која ќе се има и економски бенефит.

– На мене ми смета, кога некој од градоначалниците ќе го користи терминот депонија, бидејќи меѓу луѓето, ако им кажеш депонија, тие веднаш им асоцира на нешто, каде што ќе се трупа ѓубре и ќе се разлетува хартија и отпадоци. Меѓутоа, бидејќи ние сме биле во посета на повеќе системи за интегрално управување со комунален отпад, се работи фактички за цел систем, фабрика, додаде Здравева.

Во рамките на фабриката за отпадот од двата региони ќе има и претоварни станици во Штип, Куманово и Кочани, каде што ќе се рециклира отпадот, по што ќе се носи во фабриката. Здравева забележува дека ваквите фабрики во Европа не ја загадуваат животната средина, а оние кои стопанисуваат со нив им носи пари и производи, кои се сметаат за еден вид на руда. Градоначалниците од источниот регион во декември 2009 година го почнаа овој проект, со грант од ЕУ и покрај тоа што патот е долг до неговата реализација, сепак истиот се реализира согласно европските регулативи и во интерес на населението да нема високи сметки за депонирање на отпадот. Пред неколку години за изградбата на фабриката за отпад им се приклучија и општините од Кумановскиот, односно североисточниот регион и Свети Николе, кое припаѓа на Вардарскиот регион.

МИА пред три седмици информираше дека градоначалниците од источниот регион се единствени и бараат проектот да продолжи и да не се дозволи новите 35 милиони евра од ЕУ да се пренасочат за друг проект или друг регион. Градоначалникот на Општина, Штип, Благој Бочварски, кој ја раководи работната група за изградбата на фабриката за отпад смета дека ова е шанса за реализација на еден капитален проект, со што ќе се затворат сите диви и нестандардни депонии, низ регионот, со кои општините имаат низа на проблеми, од аспект на загадување на животната средина.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2018 18:01