Општина Велес повторно апелира Владата да го пререгистрира, преземе и итно да го санира оштетениот мост кај Башино Село на влезот од Велес, кој, според предупредувањата од стручњаците, може секој миг да се сруши.

Општинската власт со ангажирање тешка механизација во изминатите години за да го спаси мостот од рушење при обилните дождови деноноќно дежураше крај него и честопати интервенираше со вадење дебели стебла и гранки закачени на столбовите и раклите.

Општина Велес веќе распишала тендер на кој треба да избере фирма што ќе направи проект за санација на мостот.

Како што појасни градоначалникот Аце Коцевски, паралелно со тоа, речиси три месеци ја водат постапката до Владата на Македонија локалниот пат што поминува преку мостот од локален повторно да се пререгистрира во регионален, како што беше до пред десетина години. Тоа ќе значи повторно да премине под државна надлежност.

– Бараме од Владата патот што поминува преку мостот да премине во надлежност на државата и таа да го преземе од локална во државна надлежност и итно да го санира, за да не се сруши, апелира Коцевски.

Според извештајот на стручњаците од Заводот за испитување на материјали и Градежниот факултет од Скопје по направените испитувања на мостот во август годинава, мостот кај Башино Село на Вардар е во многу лоша состојба.

Тие посочија дека треба итна санација: на столбовите на мостот кои се напукнати, да се заштити арматурата која е сериозно нагризана од корозија. Воедно треба да се реши одводнувањето на мостовската конструкција, да се замени асфалтниот слој, за да биде мазен и да не предизвикуваат дополнителни динамички влијанија, односно да нема тресења на мостовската конструкција, како што е сега при движењето на возилата. Мостот на Вардар кај Башино Село е изграден во 1971, пред 47 години од тогашната ЈНА како времен мост кој има и пешачка патека, а е армирано бетонски полумонтажен тип. Инаку според мерењата на стручњаците во август годинава, за еден час преку мостот поминуваат 39 шлепери, 43 товарни возила и комбиња и 250 лесни автомобили.

Воедно градоначалникот Коцевски потенцира дека Општина Велес ќе бара од Владата, во програмата за капитални инвестиции за 2019 година да издвои средства за изградба на нов мост на Вардар во Велес.

Тие планираат мостот да се изгради малку подолу од постојниот, кај бавчите во населбата Речани од една и од друга страна да поврзува кај управната зграда на ЈП ХС „Лисиче“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 09:41