Изминатите три месеци водите на скопските реки Вардар, Треска и Лепенец се побогати за илјадници парчиња на риби благодарение на здружението на риболовци “Рибар 2011“ кои од 2018 година се нови концесионери на рибите во скопскиот регион.
“Годинава немавме никаква обврска, но ние сме ентузијасти и сите пари што ги имавме благодарение на нас самите и наши донатори ги вложивме за порибувања на скопските реки.Вардар е порибен со крап, Треска со пастрмка, а Лепенец е порибен со бојник, клен, црвеноперка, караш и костреж. Луѓето се изненадени, посебно за Лепенец каде не се памети кога последен пат некој пуштал риби. Така ќе продолжиме и во иднина, има многу проблеми, има многу рибокрадции потребна ни е поголема поддршка од рибарите. Совесните рибари се главните чувари на реките, тие треба да внимаваат да не оставаат ѓубре, да си вадат дозволи на време, да ги почитуваат забраните за риболов кога рибата се мрести и да не информираат за недозволени активности по реките. Таквата поддршка ни дава дополнителна сила и енергија да работиме и да се справуваме со проблемите. Само така скопските реки ќе бидат многу побогати со риби, а ние риболовците со задоволство ќе одиме по риба“, вели Сашо Васков, претседател на здружението на риболовци “Рибар 2011“.
Риболовот е хоби, но и тоа хоби си има правила, законите и нормитемора да се почитуваат. Ги известуваме рибарите дека казните се големи.
Ние не сакаме да казнуваме и би биле најсреќни никој да не ги крши правилата, но тоа е далеку од реалноста. Ние порибуваме и чуваме, постојано едуцираме, известуваме, предупредуваме, а веќе почнавме и да казнуваме. Казните се високи од 150 до 1000 евра за ловење без дозвола, ловење во мрест, ловење со мрежи, мрежички, харпун и други недозволени средства. Ако сакаме да има риби и реките да не бидат пусти тогаш мора да се почитува и неминовно е да се воспостави ред.