Американците утре ќе излезат на избори за членови на Претставничкиот дом на Конгерсот на САД, за една една третина од сенаторите, за 36 гувернери на сојузните држави, како и за претставници во државните законодавни тела и во органите на локалната власт.

Ваквите избори во САД, кои се одржуваат две години по претседателските, се познати како „избори на половина мандат“, бидејќи се спроведуваат на средина од мандатот на актуелниот претседател.

Иако овие избори немаат директно влијание врз позицијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, тие сепак ќе претставуваат можност за Американците да го дадат своето мислење за политиката на неговата Администрација.

Гласајќи за своите претставници во Конгресот, Американците ќе можат да ја поддржат политиката на Трамп, доколку гласаат за републиканските кандидати, или пак да го изразат своето несогласување со неа, давајќи им поддршка на демократите.

Битка за Конгресот

На утрешните избори се бираат сите 435 членови на Претставничкиот дом, чиј мандат трае две години. Републиканците имаат мнозинство во актуелниот состав на Претставничкиот дом, но, аналитичарите проценуваат дека тие ќе ја загубат доминацијата во Долниот дом на Конгресот и мнозинството ќе го преземе Демократската партија, кој ќе добие можност да влијае врз политиката на Администрацијата на Трамп, блокирајќи некои од неговите законски проекти или усвојувајќи закони зад кои не стои Белата куќа.

Токму затоа се очекува висок одѕив на гласачите, што е невообичаено за едни „избори на половина мандат“, на кои по правило гласаат околу една третина од регистрираните избирачи.

На изборите за Претставничкиот дом во мандатниот период 2017-2019 година, што се одржаа во ноември 2016 година, републиканците освоија 241 место, а демократите 194. Во моментов во Претставничкиот дом седат 235 рапубликанци и 193 демократи, а седум места се испразнети.

Аналитичарите прогнозираат дека по утрешните избори демократите ќе освојат околу 225 места во Претставничкиот дом, а републиканците околу 210. За мнозинство во Претставничкиот дом се неопходни 218 мандати.

Кога станува збор за Сенатот, утре Американците бираат 35 сенатори, од кои 26 во моментов се демократи, а деветмина се републиканци. Токму значително поголемиот број демократски сенатори што одат на реизбор, според аналитичарите, им дава на републиканците поголеми шанси да го задржат тесното мнозинство во Сенатот.

Во моментов Сенатот го сочинуваат 51 републиканец, 47 демократи и двајца независни сенатори, кои се дел од групата на Демократската партија. По утрешните избори се очекува да нема промени во соодносот на силите во Сенатот и републиканците да го задржат мнозинството со 51 сенатори наспроти 49 демократи. Дури и во случај и двата табори да имаат по 50 сенатори, републиканците ќе имаат мнозинството, бидејќи право на глас ќе добие и потпретседатлот на САД, Мајк Пенс, кој по функција е претседавач со Сенатот.

Како најнеизвесни сенаторски дуели аналитичарите ги посочуваат оние во Флорида, Индијана, Мисури и Монтана, кои досега ги држеа демократите, како и во Аризона, Невада, Тенеси и Тексас, кои беа во рацете на републиканците. Иако во Тексас, републиканците имаат блага предност, сепак неизвесноста на изборите во оваа сојузна држава се посочува како особено интересна имајќи предвид дека во изминативе 25 години сите тексашки сенатори биле републиканци.

Активна улога на Трамп во изборната кампања

Во такви услови Трамп активно се вклучи во предизборната кампања за поддршка на републиканците. Белата куќа свесна дека најверојатно ќе го загуби мнозинството во Претставничкиот дом, кампањата ја насочи на изборите за Сенатот.

Така, последните денови пред изборите, Трамп учествуваше на предизборни собири на републиканските кандидати за сенатори во сојузните држави Индијана, Мисури и Флорида, но и во Џорџија и Охајо, каде се водат неизвесни трки за местото гувернер.

Трамп е свесен дека ако демократите освојат мнозинство во еден или двата дома на Конгресот, значително би се зголемило нивното влијание на внатрешната политика. Тоа, пред се, би бил крај на сите надежи на републиканците за целосно укинување на здравствената реформа на претходниот претседател Барак Обама, позната како „Обамакер“, а од демократите ќе зависи и зголемувањето на лимитот на државниот долг, што последниве години се покажуваше како клучно за финансирање на федералната администрација.

Новиот состав на Конгресот, со претставниците што ќе бидат избрани на утрешните избори, ќе се конститура во јануари 2019 година, па доколку републиканците го загубат мнозинството, според аналитичарите, не е исклучено Администрацијата да се обиде до крајот на годината да протурка некои законски решенија, кои најверојатно не би биле поддржани од демократите и не би можеле да бидат усвоени во следниот конгресен мандат 2019-2021 година.

Избори за гувернери, државни конгреси и органи на локалната власт

Паралелно со изборите за Конгерсот, утре треба да бидат избрани и гувернери на 36 американски сојузни држави, членови на државни парламенти, како и некои претставници на органите на локалната власт, вклучително и градоначалник на главниот град Вашингтон.

Од 36-те гувернери за кои ќе се гласа утре, досега 26 беа републиканци, девет демократи и еден независен.

Прогнозите се дека републиканците ќе задржат 13 гувернерски позиции и ќе ја преземат должноста од независниот гувернер Бил Валкер во Алјаска. Демократите, пак, се очекува да задржат седум гувернерски позиции и да преземат три од републиканците – во Илиноис, Мичиген и Ново Мексико.

Во 12 сојузни држави гувернерските избори се неизвесни. Во седум држави во мала предност се демократските кандидати, во четири републиканците, додека во Охајо подеднакви шанси за победа имаат и републиканецот Мајк Девајн и демократот Ричард Кордреј.

Инаку, на овие избори за сите нивоа на властите се номинирани рекорден број жени – 257, како и рекорден број претставници на ЛГБТ заедницата – 203.

На изборите во Флорида и Џорџија првпат за гувернер можат да бидат избрани Афроамериканци, а во Мичиген и Минесота места во органите на власта првпат имаа шанси да обезбедат муслиманки.

Изборите како можност за пресвртна точка во американската политика

Аналитичарите проценуваат дека утрешните избори се значијани за САД, како ниту едни други досега.

Според „Гардијан“, во услови на се поголема поларизација и поделби на американското општетсво по партиска линија, овие избори можат да бидат пресвртна точка за „поправка на штетите“ што ги предизвика Трамп со својата политика и неговиот „обид да биде претседател на дел од САД, а не не целата земја“.

– Тоа не е лесен процес, но работите мора да почнат од некаде и затоа избирачите во САД утре ќе имаат голема одговорност, оценува „Гардијан“ во редакциски коментар посветен на изборите.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 16:39