Министрите за финансии на Еврозоната денеска одржуваат средба во Брисел посветена на националните буџети на земјите членки, меѓу кои италијанскиот предизвикува најголема загриженост.
Европската комисија пред две недели првпат во историја отфрли еден италијански буџет, оценувајќи го како „скршнување без преседан“ од утврдените буџетски правила на Европската Унија.
Рим има рок до 13 ноември да изготви ревидиран буџет, но италијанската Влада најави дека нема да „потклекне“ пред Брисел.
На денешниот состанок се очекува деветанесетте земји членки на Еврозоната да ја поддржат Европската комисија во нејзиниот пристап кон италијанскиот буџет, но неизвесно е дали тие се подготвени да применат казнена политика кон Рим, доколку ништо не се промени.
Популистичката влада во Италија би можела тоа да го искористи во политички цели непосредно пред европските избори, за кои челниците на ЕУ стравуваат од подем на антиевропските партии.
Теоретски, Европската комисија може да започне процедура за „екцесивен дефицит“, доколку засегнатата земја не го коригира буџетот. Извори во Брисел велат дека тоа ќе биде “неизбежно“ ако Италија не направи корекции на предложениот буџет.
Планираниот дефицит од 2,4 отсто од БДП е главната причина за загриженост во ЕУ и во Еврозоната, бидејќи тој е многу поголем од она што го предвидуваше претходната италијанска Влада.
Висината на дефицитот во Италија, која е меѓу најзадолжените во Европската Унија, предизвикува страв од нова финансиска криза во Еврозната.