Последната анкета на јавното мислење спроведена од “ЕУпинионс“ покажува дека 67 отсто од европските граѓани се носталгични за минатото и сметаат дека светот бил подобро место за живеење порано.

Анкетата ја анализира носталгијата како политичка алатка и начинот на кој таа се инструментализира од страна на популистички политичари и партии, објаснуваат авторите. Целта на анкетата е да открие кои слоеви од населението се најчувствителни на политичките пораки за „подобро минато“.

Анкетата е спроведена во јули 2018 врз 10.885 граѓани на ЕУ.

– Носталгијата стана силна политичка алатка за глорификација на минатото, за да им овозможи на политичарите да добијат поддршка за она што се перципира како изгубено и да ги реафирмираат вредностите и идентитетите кои се ставени во прашање поради брзиот чекор на општествените промени, се наведува во извештајот

Од анализите произлегува дека најносталгични чувства се појавуваат кај „мажите, невработените, оние кои се чувстваат економски анксиозни и оние кои сметат дека и припаѓаат на работничката класа“. Младите под 35 години се најмалку подложни на носталгија.

Оние кои тежнеат кон „подобро минато“ имаат тенденција да се идентификуваат со десно ориентираните политички опции. Тероризмот и миграцијата се темите кои им се најважни на носталгичните делови од населението.

По земји, најносталгични се Италијаните со 77 проценти, а најмалку носталгични се Полјаците – 59 отсто. Мажите со 53 проценти се повеќе свртени кон минатото отколу жените со 47 отсто.

Дури 78 проценти од луѓето кои се декларираат како носталгични сметаат дека скорешните мигранти не сакаат да се адаптираат на општеството, а 53 отсто од нив мислат дека имигрантите ги земаат работните места на „домородците“. За носталгичните, тероризмот е политички приоритет (60 проценти).

Носталгичната политичка реторика, анализираат авторите, се пронаоѓа и на десната и на левата страна од политичкиот спектар, најчесто на крајниот дел и на штета на центристичките сили. Крајната десница и крајната левица користат различни наративи, но развиваат слична реторика чија цел е доведување во прашање на мотивациите на сегашните политички елити.

– Од крајната лева страна се наоѓаат фигури како Џереми Корбин и Берни Сандерс, иако десницата е најуспешна во екслоатирањето на чувствата на носталгија, се истакнува во извештајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 17:40