Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска сведочеше во Полска во рамките на парламентарната истрага за пирамидална шема со која повеќе илјади Полјаци со измама останале без својата заштеда во период кога тој бил полски премиер.

Туск го испрашувала повеќепартиска комисија која претходно испитала десетина државни функционери во рамките на напорите да се утврди одговорноста за измамата.

Комисијата, која на Туск му се обраќала со „премиере“, се фокусирала на утврдување на размерите на контролата на Туск над државната безбедност и други ресори, и периодот кога станал свесен за шемата.

Туск беше на чело на полската Влада од 2007 до 2014, а измамата на финансиската институција Амбер Голд беше откриена во 2012 година.

Една од главните теми на целата истрага е фактот дека синот на Туск, Михал, работел за авиокомпанија во сопственост на Амбер Голд.

Според наводите на обвинителството, околу 19.000 инвеститори изгубиле повеќе од 850 милиони злоти (225 милиони долари) во еден од најголемите финансиски скандали во Полска.

Организаторите на измамата во моментов отслужуваат затворски казни.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 18:00