Американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон најави денеска дека ќе бидат воведени дополнителни санкции за Иран, но не соопшти детали.

Најавата на Болтон доаѓа откако Вашингтон денеска ги обнови економските санкции за Иран кои беа во сила до 2015 година.

– Ќе наметнеме санкции кои одат подалеку од сегашните. Нема да се задоволиме со нивото на санкции кои постоеја за време на (Барак) Обама во 2015 година, истакна Болтон.

Американските санкции се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран, а тоа е втор пакет санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од Договорот во мај годинава.

Со санкциите на САД ќе се казнуваат и државите кои ќе продолжат да увезуваат иранска нафта, како и странските компании кои соработуваат со ирански фирми од така наречената црна листа. За сега, осум неименувани држави ќе бидат изземени и ќе им се овозможи привремен увоз на иранска нафта без американски санкции.

Според американски претставници, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, се повлече од Сирија и целосно ја укине Програмата за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.

Официјален Техеран претходно соопшти дека не е загрижен поради повторното воведување американски санкции за нафтата и за иранскиот финансиски сектор.

Американските санкции ги поздрави Израел, додека Европска Унија, Франција, Германија и Велика Британија претходно во заедничко соопштение порачаа дека жалат поради таквата одлука на Вашингтон.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/11/2018 20:15