Еврокомесарот за финансии и економија Пјер Московиси изјави дека на денешниот состанок на министрите за финансии на Еврозоната се очекува од италијанскиот колега, Џовани Триа, да ги образложи намерите и следните чекори на неговата Влада во однос на отфрлањето на италијанскиот буџет од страна на Брисел.
-Министрите се согласни со Европската Комисија, дека треба да се намали италијанскиот долг кој тежи врз италијанските семејства. Ова е прв состанок на кој ќе разменуваме мислења и верувам дека многу ќе зборуваме за овој случај, изјави Московиси пред стартот на состанокот на Еврогрупата.
Италија пред еден месец презентираше нацрт-буџет кој не е во согласност со правилата на Европската Комисија во однос на долгот и дефицитот. Со планиран дефицит од 2,4 отсто од БДП, Италија „значително скршнува“ од утврдените правила и од плановите на претходната Влада, смета ЕК. Иако стапката е под прагот на утврдените три отсто, обемот на италијанскиот долг (132 отсто од БДП, кога треба да биде под 60 отсто) ризикува дополнително да се зголеми доколку не се подобри јавниот дефицит, и со тоа се става потенцијано во опасност европската економија, смета ЕК.
Московиси порача дека нема преговори со Италија, само дијалог.
– Правилата се правилата и мора да се почитуваат, тие се флексибилни и добри се за италијанскиот народ. Буџет со кој би се зголемил јавниот долг би бил штетен за италијанскиот народ затоа што товарот на нивните плеќи што ќе треба да го отплатат би бил поголем, изјави еврокомесарот.
Еврокомесарот посочи дека отплаќањето на сегашниот долг на Италија изнесува 65 милијарди евра годишно, односно илјада евра по жител на Италија.
Рим има време до 13 ноември да поднесе ревидирани буџетски планови. Доколку тоа не го стори се изложува на санкции.
Францускиот министер, Бруно Ле Мер, порача дека Франција го дели мислењето на Европската Комисија и потсети дека поставените правила мора да се почитуваат во дух на солидарност и зајакнување на еврото.
-Правилата се корисни за да ја зајакнат нашата заедничка валута, таа е заштита против финансиските турбуленции, економските кризи и пред големите сили, рече Ле Мер.
Министерот порача дека по напуштањето на Обединетото Кралство, Еврозоната ќе преставува 85 отсто од богатството на Европската Унија.
-Сакаме од еврото да направиме референтна валута и за тоа е потребно повеќе конвергенција, солидарност и заеднички инвестии, изјави францускиот министер.