Белгиските власти размислуваат за можноста да ѝ доделат азил на Асиа Биби, христијанската Пакистанка осудена на смрт поради бласфемија во 2010 и која беше ослободена минатата среда по одлука на Врховниот суд во Исламабад.
По одлуката за нејзиното ослобдување, во Пакистан не престануваат протестите на исламистите. Целта на исламистичките групи во оваа земја е да добијат повторна смртна пресуда за Биби. Ситуацијата е толку неподнослива, според нејзината фамилија, што сопругот на Биби побара од САД и од Велика Британија да им доделат азил и да им помогнат да ја напуштат земјата.
Според белгиските медиуми, државниот секретар за азил Тео Франкен ја разгледува можноста да ѝ се одобри азил на Асиа Биби во Белгија. Барањето прво беше сугерирано од страна на белгискиот парламентарец Петер Лујкс.
Министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс, изјави дека не се противи на ваква можност, но дека одлуката треба да ја донесе Франкен. Од неговиот кабинет денеска велат дека „мирно го разгледуваат досието“ и чекаат да видат како ќе се развива.