Само патоказот поставен во центарот на селото Моноспитово може да им го покаже патот на намерниците кон последното мочуриште во Македонија, Моноспитовското Блато.
Но, до него може да стасат само најупорните. На излезот од селото на патот кон Бања Банско нема никаков друг знак за правецот по кој треба да се упатите. Ја нема и големата табла што беше поставена пред десетина година и која го означуваше почетокот на Блатото. Не ви преостанува ништо друго освен до некаде да отидете со автомобил, а понатаму да продолжите пеш.
Така направивме и ние. Додека можеше се движевме со автомобилот. Продолживме пеш по патеката што е долга речиси пет километри и по која порано со возило можеше да се дојде до почетокот на Блатото, пред импровизираниот паркинг простор.
Сега по патеката едвај можете да се движите пеш. Обрасната со најразлични растенија и трска, а најмногу со капини што ви се замотуваат околу нозете, имате чувство дека се пробивате низ некоја џунгла.
-Моноспитовското блато не е џунгла. Ние со него живееме со векови, ама како што е сега никогаш не било. Никој не води сметка. Повеќе од десет години ништо не е инвестирано за негова заштита, велат жители на селото Моноспитово.
Стасавме до дрвената патека преку која може да навлезе подлабоко во Моноспитовското Блато. Веднаш не дочека искршена скала и несигурна ограда. И првата куќичка за одмор е во фаза на распаѓање. На некогашниот простор за паркирање се уште се свежи остатоците од пожарот кој избувнал тука.
Од локалната власт на Босилово, во чија општински атар е Моноспитовското Блато, потврдуваат дека последен пат во него е инвестирано пред 11 години во зачувување на богатата флора и фауна.
-Последниот проект е добиен пред десетина години во соработка со бугарската општина Грмен, преку прекугранична соработка. Тогаш, таа 2007 година се реализираше проектот „Развој на еко рурален туризам“. Прво беа изградени патеки во должина од еден километар, две наблудувачници со височина од шест метри, од каде може да се набљудуваат ретки прелетни птици и шест куќички за засолнување, ни соопшти градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков.
Дадава дека овие градби се вклопуваат во амбиенталниот стил на Блатото, бидејќи таму има ретки видови прелетни птици, пајаци, жаби, змии и друга флора и фауна.
Според Гоне Багалов, кој речиси секој ден е во Блатото или „Ѓољот“, како што го нарекуваат жителите на Моноспитово, најголем проблем годинава е сушата, која се заканува да предизвика несогледливи последици.
-Голем проблем е и палењето на нивите во близина на Блатото. Ги палат страништата, а пожарот го зафаќа и „Ѓољот“. Тоа сега се случува поради сушата. Никој намерно не го пали Блатото, но поради нивите покрај сувото гори и зеленото, вели Багалов.
Додава дека во последно време се намалил бројот на животинскиот свет и Блатото не е ниту одблизу какво што било пред крајот на деведесеттите години од минатиот век кога во селото работела земјоделската задруга.
-Убаво беше тоа што се направи пред десетина години. Но, не се одржуваше. Тогаш дојдоа некои туристи. Но, никогаш повеќе не се вратија, бидејќи нема што да видат, објаснува Гоне Багалов, жител на село Моноспитово и плетач на леси од трска.
Градоначалникот Зоран Зимбаков смета дека едно од решенијата за да се зачува Моноспитовското Блато е тоа да се прогласи за заштитено подрачје. -Ни претставува голем финансиски проблем за да можеме да го одржуваме. Во моментот од Проектната канцеларија за регионална конкуретност преку Светска банка добивме грант во висина од четири милиони денари, а нашето учество е 400 илјади денари. Со проектот е предвидена комплетна реконструкција на опремата во оваа природна реткост и се надевам дека со реализацијата на овој проект паралелно во иднина ќе работиме за негово прогласување за заштитено подрачје, посочува градоначалникот Зимбаков. Барањето за прогласување на Моноспитовското блато за заштитено подрачје било поднесено порано до Министертвото за животна средина и просторно планирање, но од тоа досега нема ништо. Сега, преку Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица, кое го реализира проектот за прогласување на дел од планината Беласица за заштитено подрачје заедно со Моноспитовското Блато, општината се надева дека од тоа може да произлезе нешто. Во селото Моноспитово објектот на Центарот за алтернативен туризам и креативен развој немо сведочи дека токму тука требало да се одржуваат најразлични туристички манифестации и да се креира развојот на еко туризмот. Објектот веќе неколку години е изграден и многу малку се користи. Во внатрешноста можат да се забележат некои предмети, но исто така може да се види дека Центарот подолго време не работи. -Овој објект е мошне добра градба, меѓутоа поради немање финансиски средства за одржување тој не може да работи. Успеваме да ангажираме луѓе за да ја одржуваат хигиената во него. Доколку го реализираме проектот ќе можеме во него да поставиме повеќе музејски експонати како што се кајчиња, рогоз и други ретки сувенири од Моноспитовското блато, смета градоначалникот на општина Босилово, Зоран Зимбаков. Со проектот е планирано да се уреди и паркинг простор во објектот што е во центарот на село Моноспитово, а проектот треба да почне да се реализра до крајот на годината. Инаку, Моноспитовското блато некогаш било распространето на површина од 5.000 хектари. Денеска овој локалитет, кој многумина го нарекуваат и природен музеј на отворено, има површина од 400 хектари. Во него егзистираат ретки видови растителен и животински свет. Еден од најпознатите реликтни видови е папратот „Osmunda regalis“ или „кралскиот папрат“ кој го има единствено тука. Во Блатото се регистрирани 112 видови птици, 11 видови водоземци и 16 влекачи. Ристо Тасев