Во САД денеска се одржуваат избори за членови на Претставничкиот дом на Конгерсот, за една една третина од сенаторите, за 36 гувернери на сојузните држави, како и за претставници во државните законодавни тела и во органите на локалната власт.

„Изборите на половина мандат“, кои се спроведуваат на средина од мандатот на актуелниот претседател, ќе немаат директно влијание врз позицијата на сегашниот „станар“ на Белата куќа, Доналд Трамп, но сепак ќе претставуваат можност Американците да го дадат своето мислење за политиката на неговата Администрација.

На денешните избори се бираат сите 435 членови на Претставничкиот дом, чиј мандат трае две години. Републиканците имаат мнозинство во актуелниот состав на Претставничкиот дом, но, аналитичарите проценуваат дека тие ќе ја загубат доминацијата во Долниот дом на Конгресот и мнозинството ќе го преземе Демократската партија, со што ќе биде во можност да влијае врз политиката на Администрацијата на Трамп, блокирајќи некои од неговите законски проекти или усвојувајќи закони зад кои не стои Белата куќа.

Се предвидува дека демократите ќе освојат околу 225 места во Претставничкиот дом, а републиканците околу 210. За мнозинство во Претставничкиот дом се неопходни 218 мандати.

Американците денеска бираат и 35 сенатори, од кои 26 во моментов се демократи, а деветмина се републиканци. Токму значително поголемиот број демократски сенатори што одат на реизбор, според аналитичарите, и дава на Републиканската партија поголеми шанси да го задржи тесното мнозинство во Сенатот од 51 републиканци наспроти 49 демократи.

Трамп активно се вклучи во предизборната кампања за поддршка на републиканците. Белата куќа свесна дека најверојатно ќе го загуби мнозинството во Претставничкиот дом, кампањата ја насочи на изборите за Сенатот.

Паралелно со изборите за Конгерсот, денеска ќе се избраат и гувернери на 36 американски сојузни држави, членови на државни парламенти, како и некои претставници на органите на локалната власт, вклучително и градоначалник на главниот град Вашингтон.

Инаку, на овие избори за сите нивоа на властите се номинирани рекорден број жени – 257, како и рекорден број претставници на ЛГБТ заедницата – 203. На изборите во сојузните држави Флорида и Џорџија првпат за гувернер можат да бидат избрани Афроамериканци, а во Мичиген и Минесота места во органите на власта првпат имаа шанси да обезбедат муслиманки.

Аналитичарите проценуваат дека овие избори се значијани за САД, како ниту едни други досега.

Според „Гардијан“, во услови на се поголема поларизација и поделби на американското општетсво по партиска линија, овие избори можат да бидат пресвртна точка за „поправка на штетите“ што ги предизвика Трамп со својата политика и неговиот „обид да биде претседател на дел од САД, а не не целата земја“.

– Тоа не е лесен процес, но работите мора да почнат од некаде и затоа избирачите во САД утре ќе имаат голема одговорност, оценува „Гардијан“ во редакциски коментар посветен на изборите.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 10:18