Денешните избори на половина мандат во САД се една од главните теми на денешните изданија на западните весници.
Лондонски „Фајненшл Тајмс“ наведува дека вообичаено на ваквите избори не се гледа како на глобален настан, но овој пат работите се поинакви, па целиот свет ќе остане буден цела ноќ за да ги следи резултатите од гласањето на Американците.
– Резултатите од овогодишните избори на половина мандат се сметаат за клучен тест дали (американскиот претседател) Доналд Трамп трајно ја променил Америка. Влогот со децении не бил толку голем на едни избори, како на овие, наведува британскиот весник.
„Фајненшл тајмс“ смета дека доколку републиканците постигнат добри резултати на денешното гласање, многумина ќе заклучат дека „трампизмот“ ќе остане за подолг временски период.
– Во таков случај останатиот свет ќе треба да се подготви на подолг рок за една Америка, која ќе биде силно протекционистичка и во принцип сомнителна кон договорите, независно дали тие се однесуваат на климатските промени, контролата на оружјето, бегалците или миграцијата. Меѓутоа ако оваа ноќ демократите постигнат успех, странские критичари на американскиот претседател ќе имаат надеж дека годините на Трамп ќе бидат само аномалија и ќе следи одново враќање на претходната Америка, смета „Фајненшл тајмс“.
Парискиот весник „Фигаро“ проценува дека Трамп се обидел да ја искористи поделеноста во САД за да ја задржи својата надмоќ при денешното гласање.
– Две години по неговиот изненадувачки избор, Доналд Трамп одново се става на залог на гласачките кутии. Денешните избори ќе ги дефинираат неговите следни две години во Белата куќа, а можеби и повеќе. Претседателот знае каков е влогот во овие избори и целата своја енергија ја вложи во кампањата, играјќи дрско на картата дека изборите се референдум за неговото управување, наведува „Фигаро“.
Парискиот весник потсетува дека Трамп целата мината недела ја мина на патување низ САД учествувајќи на два до три предизборни собири дневно, со цел да ги мобилизира своите приврзаници, притоа оставајќи ги во втор план своите обврски како претседател.
– И покрај масовното убиство во синагогата во Питсбург кон крајот на октомври, Трамп брзо се откажа од имиџот на обединувач и се врати на неговата омилена тема: мигрантската закана, олицетворена во карванот од луѓе кои се движат пеш кон границата на САД. Иако ги истакнуваше позитивните економски резултати во првите две години од неговиот мандат, тој не се фокусираше премногу на овие показатели, убеден дека добрите вести ги „успиваат“ гласачите, заклучува „Фигаро“.
„Њујорк Пост“, пак, наведува дека иако Доналд Трамп е оптимист во пресрет на денешните избори, иако анкетите покажуваат наплив на „синиот бран“ во Конгресот.
Сината боја е обележје на демократите, наспроти црвената која е карактеристична за Републиканската партија на Трамп.
– Синиот бран ќе удри со сета своја сила на денешните избори, покажуваат анализите на социолошките истражувања, според кои, демократите без проблеми ќе ги освојат неопходните 23 места со кој ќе обезбедат контрола во Претставничкот дом на Когресот, наведува „Њујорк Пост“.
Според весникот, оптимистички расположениот Трамп сепак очекува победа на републиканците во Сенатот, па дури и во Претставничкоит дом.
Весникот потсетува дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека републиканците имаат добри шанси да го задржат или да го зголемат мнозинството во Сенатот. – Каков и да е резултатот од изборите, Трамп јасно достави до знаење дека тие всушност се глас за него. На еден митинг тој изјави дека во одреден смисол на изборите се гласа и за него, додава „Њујорк Пост“. „Њујорк Тајмс“, пак, проценува дека Трамп водеше предизборна кампања базирана на страв, гнев и поделби. – Претседателот Трамп ја заврши кампањата во стилот „ние против нив“, базирана на мрачни теми како стравот од национализмот и расната нееднаквост, обидувајќи се да ја зачува контролата на републиканците во Конгресот и во следните две години од неговиот мандат, наведува весникот. Според „Њујорк Тајмс“, во услови на ваква кампања, САД станаа сведоци на најполаризираните избори на половина мандат во нивната понова историја. – Трамп се заигра со поделбите во американското општество како ниту еден друг претседател во ерата на еднакви граѓански права. Противречностите што беа изнесени на виделина и кои се продлабочија во последните неколку недели, најверојатно ќе останат уште долго време по денешниот изборен ден, заклучува „Њујорк Тајмс“.