Освоените награди на натпреварот „Атлета на Македонија“ и светскиот „Дајмонд Куп“ беа причина беровскиот титан Васко Мамучевски да биде награден од општината со 10 илјади денари, како подршка на поединци кои посебно се истакнале во областа на спортот.

Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски истакна дека општината се гордее на вакви големи успеси, но и забележа дека во минатото многу малку вложила во напредувањето на еден вака истакнат спортист.

-Во периодот што следи, во следната буџетска проекција за 2019 година, ќе бидат вградени финансиски средства што ќе обезбедат финансиска помош за овој спорт со оглед на тоа што се работи за успеси на меѓународно ниво, рече Пекевски.

Бодибилдерот Мамучевски го освои високото трето место до 85 килограми на неодамнешниот „Дајмонд куп“, што годинава за прв пат се одржа во Македонија, а претходно освои и златен медал на натпреварот „Атлета на Македонија“.

Моментално е вработен во Министерството за внатрешни работи во Берово, а со боди билдинг се занимава повеќе од 20 години. Мамучевски е шампион на Македонија во боди билдинг 2005, 2008 и 2009 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 10:40