Над 10.000 потписи против изградба на цинкара близу Кавадарци се собрани во рамки на петицијата што ја организираше еколошкото друштво „Еко-живот”.

Претседателот на регионалниот еко центар, Роберто Паризов, вели за МИА дека се задоволни што само за неколку дена, кавадарчани во голем број се изјаснија против загадувачка индустрија. -На терен работеа наши активисти, а имавме и поддршка од координаторот на невладиниот сектор Ненад Јовановиќ. Ние не сме против отворање нови производствени капацитети што би значело и отворање нови работни места, но сме против загадувачи зашто Кавадарци и онака е меѓу најзагадените градови во државата, нагласува Паризов. Потребен е, додава, мораториум за тешка индустрија во градот и донесување локален еколошки акциски план. Советот на градот денеска ќе одржи вонредна седница. Единствена точка на дневниот ред е разгледување на барањето од Министерството за животна средина и просторно планирање за изведување на проектот „Нови линии за проширување на асортиманот на производи и линии за нови производи во општина Кавадарци”, согласно интересот на кавадаречки инвеститор. Поддршка на петицијата дадоа претставниците на двете најголеми политички партии во Советот преку одделни прес-конференции, а меѓу потпишаните на петицијата се и советници од Советот. Кавадарчанецот Ивица Јованоски кој како активист се вклучи во акцијата за собирање потписи, вели дека му е мило што народот заеднички, упати јасна порака, каква одлука треба да донесат денеска советниците во градскиот Совет.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 10:51