Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш ги поздрави „огромните предности“ на новите технологии, но во исто време предупреди дека од клучно значење е светот да ги избегнува „автономните машини кои можат да убиваат луѓе без човечка контрола“.

– Тоа не само што е политички неприфатливо, туку и неморално и мислам дека би требало да се забрани со меѓународното право, истакна Гутереш на Конференцијата за технологии „Веб самит“ во Лисабон.

Новите технологии овозможија дизајнирање на сите автономни вооружени системи, од дронови до тенкови, а за потенцијална употреба во војните се развиваат и роботи.

Гутереш посочи дека во моментот не постои меѓународен консензус „меѓународното хуманитарно право да се применува на кибер употребата во конфликтни ситуации“.

– Тоа е област во која, според мене, меѓународната заедница мора да настапи единствено, истакна Гутереш, додавајќи дека ОН би можеле да функционираат како платформа за соработка во кибер просторот, за да се постават правила на однесување.

Тој додаде дека најлошо е да се биде „наивен и неупатен оптимист“.

Генералниот секретар на ОН укажа и дека меѓународните поделби можат да ја отежнат соработката во кибер просторот, посебно во време кога постои нова тенденција да се доведуваат во прашање „мултилатералните механизми кои се единствен начин да се одговори на глобалните предизвици“.

Тој, исто така, наведе и дека верува оти дигиталното доба и технологијата донеле големи придобивки, вклучително и нови начини во борбата против болестите и гладта.

– Јасно е дека технологијата ни е сојузник, заклучи Гутереш, укажувајќи на областите како што е алтернативната енергија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 11:35