Најмалку 200 масовни гробници се пронајдени во деловите на Ирак, што до минатата година беа под контрола на џихадистичката група Исламска држава (ИД), се наведува во извештај на ОН објавен денеска.

Според извештајот, во 202 откриени гробници се наоѓаат остатоци на тела на меѓу шест и 12 илјади лица, за кои се верува дека биле жртви на припадниците на ИД, која во периодот од јули до декември 2014 година презеде контрола врз поголемиот дел од северен Ирак.

– Меѓу жртвите има и жени, деца, постари лица и инвалиди, како и припадници на ирачките вооружени сили и полиција, се наведува во извештајот.

Од 28 од овие гробници досега се ексхумирани вкупно 1.258 тела.

Гробниците биле откриени во четири провинции – Нинева, Крук, Салах ел-Дин и Анбар, што се наоѓаат во западните и северните делови на Ирак, во близина на границата со Сирија.

Овие области беа под контрола на ИД до декември 2017 година, кога по неколкумесечна офанзива ирачките безбедносни сили, со поддршка на меѓународната антиџихадистичка коалиција, успеаја да ги потиснат џихадистите од територијата на Ирак.

Според претходно објавени податоци на ОН, при напади на ИД во Ирак загиниле речиси 33.000 цивили, а над 55.000 биле ранети.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 13:02