Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, КК Работнички, утре (7 ноември) во 18 часот организира хуманитарен кошаркарски натпревар на сегашниот тим со ветераните на клубот.

Перо Антиќ, Ѓорѓи Чековски, Ристе Стефанов, Тодор Гечевски, Тони Симиќ, Димитар Мираковски, Перо Блажевски и останатите сегашни и поранешни кошаркари на КК Работнички ќе бидат дел од овој хуманитарен настан.

Средствата собрани од натпреварот ќе бидат наменети за Ирена Танчева, 25-годишна мајка на две деца, која има потреба од итна операција во Русија.

На денешната прес конференција, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со претседателот на КК Работнички, Ристо Гапиќ, поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец, Тодор Гечевски и тренерот на КК Работнички, Марин Докузовски, ги повикаа сите хумани граѓани и вљубеници во кошарката, утре да присуствуваат на натпреварот и заедно со нив, да ѝ помогнат на Ирена во намерата да ги собере потребните средства потребни за операцијата.

Билетите за овој натпревар ќе бидат бесплатни, пред влезот во салата ќе бидат поставени кутии со донации, а сите граѓани кои сакаат, можат да донираат и на жиро сметката 320500027414994 Централна Кооперативна Банка АД Скопје, со назнака донација за Ирена Танчева и на телефонските броеви 070143115 (Т-Мобиле) и 143500 (ВИП/Оне).



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2018 14:51